Апасиев до Мицкоски: Отидовте по волна, се вративте стрижени
На ред е генералната проба за Бугари во Устав, почитувана македонска јавност! Ова ќе ви биде новата реалност. А Вие, почитуван Мицковски, веќе нема каде да бегате! Вие тука ќе си седите и ќе ја трпите вистинската опозиција, а тоа се овие шестмина арслани таму - вака го започна собранискиот говор денес, пратеникот и претседател на Левица, Димитар АПАСИЕВ. Обраќајќи се директно кон Мицковски, Апасиев потенцираше: За ова што го направи, почитуван Мицковски, има македонскиот народ многу мудра изрека: ,,Вие отидовте по волна, а се вративте стрижени!" Ете - тоа направивте! Се чукавте во гради со 58, со 61 - колку купивте: тројца - четворица како на кванташки, за да дадете спикерско место и да одите кај Африм Гаши на ,,баци рака", за да ви закаже седница! Затоа Македонија повторно ќе биде ваша и само ваша, но не - на народот! Апасиев истакна дека ДПМНЕ прави косоваризација на Македонија. Ќе нема парламент во светот на којшто ќе се пресадава на македонски јазик. Двојазичните документи за кои вашата сегашна претседателка Силјановска климаше со глава, кога со Мицевски приговаравме зошто ни се даваат двојазично, истата таа пракса ќе продолжи и сега - рече Апасиев. Лидерот и пратеник, Димитар Апасиев, ги потсети пратениците од ДПМНЕ за лажираниот попис, за којшто собираа потписи, па ги фрлија во ѓубре. Ги потсети за етничката припадност во личните карти на нивниот нов коалиционен партнер, БЕСА... Ги потсети за двојазичните униформи, којшто уште Груевски ги прифати... За вештачките албански паралелки во Велес, во Чашка, во Гази Баба... За кворумџиите нивни кои правеа кворум и гласаа за измените со коишто стотици дпмнеовски функционери гонети од бившото СЈО, сега се слободни граѓани... За културно - забавниот живот кој ДПМНЕ го приреди за време на протестите за Францускиот предлог, додека Урсула им држеше лекции... За широката коалиција со Ковачевски... За саботажата на протестите за онкологија кога со циркуларка ги отповикаа нивните членови од теренот. За легализацијата на дивоградбите којшто ги одблокираа за да си ги легализираат нивните хациенди... Затоа, Вардар не ве пере за срамот што му го нанесовте на македонскиот народ - поентираше Апасиев.