Апасиев до Мицкоски: До кога ќе ги штитите вашите корумпирани вмровски кадри?
Денешното прашање на лидерот на #Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, до премиерот Мицкоски кое не наиде на никаков одговор: За трагедијата во Кочани, Вие сте создале некаков „кризен штаб“, така изјавивте при Вашата посета во болниците кога ги изложивте на висок ризик повредените, само за да си терате пиар. Држејќи се до словото и духот на законите, Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето и веднаш го известува Собранието. Ние, како ваш контролен орган, такво известување не добивме. Тоа значи дека вие уште од ноќта сте почнале да постапувате противзаконски. На првата прес-конференција, на почетокот се обративте државнички, но кога ви удрија на его – се изгубивте и станавте компромитирач на сопствената истрага и повредивте две јус когенс норми од Законот за кривична постапка. Вие станавте и обвинител и судија, па дури и бранител на Вашиот Папазов за којшто велевте дека нема никаква вина, за потоа да се утврди дека и те како имало негови пропусти. Вие го исполнивте и кривичното дело „Оддавање на службена тајна“ – компромитирајќи ја истрагата. Она што на јавноста ѝ промакна е дека Вие ја попречивте правдата. Вие на 18 февруари 2025 година започнавте со писмени траги постапка за разрешување на Јавниот обвинител на РМ и тоа го поминавте на владина седница. И сега решивте да не го разрешувате. Дали тука не гледате нудење или давање некаква корист? Тоа се вика алашвериш – „ти Обвинителе нема да го чепкаш Влатко Стојкоски, директорот на Државниот пазарен инспекторат, а јас за возврат ќе ти го продолжам мандатот“. Овој вмровски кадар не е притворен, иако е директор од ноември, и иако не презел мерки, а согласно Законот за државниот инспекторат, негова изричита надлежност е примена на прописи од областа на забрана за вршење на нерегистрирана дејност и изрекување инспекциски мерки. Дополнително, во Законот за угостителска дејност овој инспекторат е спомнат 40 пати. И сите директори се криви, само овој Вашиот не е крив. Тоа е како да го обвините производителот на пиштолот, а не непосредниот убиец. Толку од вашата неселктивност во истрагата.“ „Сето ова има опасност да доведе до несоодветни обвиненија и ја компромитиравте истрагата“ – кажа лидерот на Левица истакнувајќи дека кривичните дела по коишто се гонат обвинетите се несоодветни и постои ризик за предметот да не доведе до правдата која народот ја бара.