G
enby!

Поранешниот банкар Славе Стојчевски од делчевски Црквенец има позитивни искуства со лешниците

Се одлучил да сади лешник пред една и пол деценија и оттогаш наваму редовно го одгледува како земјоделска култура која му причинува задоволство и која понекогаш му носи и добар профит. Ваква е приказната на делчевецот Славе Стојчевски, инаку поранешен секретар во Стопанска банка, кој по пензионирањето на површина од три хектари на својот имот во селото Црквенец го посадил ова растение. – Уште пред 20 години ми дојде на ум да го посадам лешникот, интересно прехранбено растение, од причина што воопшто не му треба прскање, му треба само наводнување и некојпат мало кроење. Лешникот има многу сорти, можеби стотици. Јас се одлучив за римски и за истарски лешник. Повеќе сум задоволен од римскиот лешник отколку од истарскиот, затоа што истарскиот има голема обвивка и е тежок за работа, а другиот, римскиот, речиси паѓа кога се тресе и е многу лесен за работа. Со еден збор, ставај, складирај, суши и сето тоа без проблем, вели Стојчевски. Лешникот одамна се одгледува. Најголем производител е Турција. По Турција поголеми производители се Грција и Италија, а во последно време најголем производител претендира да стане Франција, вели чичко Славе, кој редовно чита литература на оваа тематика. – Турски сорти има многу, има сорти што во височина достигнуваат 50-60 метри, меѓутоа тој лешник не успева кај нас. Постои, исто така, друга сорта во Америка, во Орегон, и тоа е некој посебен вид лешник. Кај нас во Македонија, а и на просторот во поранешна Југославија најзастапени се римскиот и истарскиот лешник. Тука каде што стоиме најзастапена е римската сорта, вели делчевскиот одгледувач на лешници. Најважно при садење плантажи со лешници, како што вели Стојчевски, е одбирањето посебни сорти што може да се опрашуваат. – За оплодувањето треба да има посебен вид лешник што ќе може да ги опрашува. Тој лешник не треба да има многу корени, растенија, туку треба површина од три-четири на пет-шест декари, бидејќи ветрот кога дува дури на 15 км го носи правот за оплодувањето на лешникот, објаснува Стојчевски. Освен на почва богата со влага, лешникот, според кажувањето на чичко Славе, успева и на варовита почва. – Пијанец е богат со варовита почва. Лешникот сака многу варовник. Покрај варовитост, треба и почва со хумус. Таа земја тука во Црквенец е идеална за лешник. Еве веќе 14 години овие лешници се тука, чудо некое големо, растат, раѓаат на варовита почва. Исто така на лешникот му треба и вода. Јас претходно правев систем „капка по капка”, меѓутоа не ми успеа оти има многу пукнатини, бидејки таква е земјата, и потоа направив покрај коренот проширен дел, имам црево 6/4, вода имам доволно и нема проблем. Да не пропуштам, лешникот сака и светлина. Тој кога се сади се сече на 50-60 сантиметри и потоа се оставаат три-четири главни гранки и тие растат и во средина мора да има сонце да ги грее, бидејќи лешникот раѓа само на светло, инаку не. Затоа не треба многу кроење, додава Стојчевски. Лешникот, освен што се употребува во прехранбената индустрија, а најмногу во изработката на кондиторски производи, има и своја лековита страна, додава поранешниот банкар.

Смотрите также