Аврамов: На гевгеличани треба да им се слушне гласот, не да им се купува тишината
На средба со граѓаните на Гевгелија, на која присуствуваа и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, како и пратеникот Сашко Јанчев, кандидатот за градоначалник на Гевгелија, Тони Аврамов, ја претстави својата визија за градот. „Сакам да ја видам Гевгелија таква каква што ја сакаат гевгеличани! Секоја инвестиција ќе биде јавно достапна и секој граѓанин ќе може да види каде оди неговиот данок. Да и кажеме стоп на урбаната мафија и да се фокусираме на реално остварливи проекти“, порача Аврамов. Тој најави неколку приоритетни мерки, меѓу кои реставрација на старите градби и куќи, споменици на културата, облагородување на централното градско подрачје со зелени површини, изградба на Јужен булевар со паркови и зелени зони, уредување на просторот кај Сува Река, како и решавање на проблемите со загадувањето и непријатната миризба. Дополнително, тој најави воспоставување автобуски линии до населените места и заживување на месните заедници. „Гевгелија има луѓе со душа, со знаење и со идеи. Само треба да им се даде простор, а не да им се одземе. Треба да им се слушне гласот, а не да им се купува тишината,“ додаде кандидатот за градоначалник на Левица.