Ристо Пенов – Ме фаќа страв како се нафаќаат луѓе да бидат градоначалници
Во време кога Скопје се соочува со урбан хаос и системски проблеми, поранешниот градоначалник Ристо Пенов нуди еден од свој поглед на состојбите во главниот град. Како прв директно избран градоначалник на Скопје по независноста на Македонија, Пенов не зборува со носталгија, туку со прецизност на човек што знае како и зошто функционираат или не функционираат урбаните системи. Во интервјуто за Трн, тој зборува за ентузијазмот и предизвиците од неговото време, кога „немавме ни една ингеренција“, но сепак се реконструираа 114 улици и се воведоа основни инфраструктурни решенија како атмосферска канализација. Според него, денешните проблеми на Скопје се резултат на децении нефункционален систем, недостиг на знаење и запоставување на т.н. „невидливи“ проекти. Од јавниот превоз до загадувањето, од дивиот урбанизам до распаднатите комунални услуги, Пенов нуди прецизна дијагноза за градот што, според него, одамна изгубил контрола врз себе. „Ме фаќа страв како се нафаќаат луѓе да бидат градоначалници – не заради храброст, туку заради неразбирање што ги чека,“ истакнува тој. Ова интервју не е само ретроспектива на минатото, туку аларм за иднината. Пенов повикува на системско ресетирање и враќање на стручноста. Во интервјуто што го направивме, Пенов не нè воведе само во својот мандат, туку и во еден поширок контекст на урбано планирање, системски пропусти и потребата од знаење кое, како што вели, го „нема веќе.”